Пекарите и денес не испорачуваат леб, рафтовите во маркетите празни
Пекарите и денес нема да испорачуваат леб. Рафтовите во маркетите празни, се жалат граѓаните. Леб купуваат од мали локални пекари, но се снабдуваат и со брашно и тестенини. Пазарната инспекција ги засили контролите. Комисијата за заштита на конкуренцијата се правда дека не е надлежна да постапува…

Полиците во маркетите во Скопје празни, леб нема ни за лек. Граѓаните купуваат во малите локални пекари. Се купува и брашно за да се замеси, но се бараат и тестенини. Луѓето се револтирани од настанатата криза, бараат да се реши проблемот.
„Леб нема никаде, еве од Железара доаѓам. Има само нивни леб, инаку овие стандардните ги нема.“
„Си месиме најчесто, еве сега зедов од една приватна продавница по цена од 35 денари.“
„Катастрофа е ова, срамота е. Барем лебот го имаше, сега и тој го нема. Што можеме ние пензионерите со 10.000 пензија да купиме?“
„Најдов макарони, леб нема. За да не месам.“
„Леб нема никаде, само по приватните фурни“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Горан Малишиќ од мелничко-пекарската индустрија вели, досега не добиле официјална покана од Владата за разговори. Пазарната инспекција ги засили контролите. Оттаму велат дека е недозволиво основен производ да им биде недостапен на граѓаните.
Комисијата за заштита на конкуренцијата се правда дека не е надлежна да постапува.
„Бидејќи владата како регулатор ја определува цената, комисијата нема надлежност за влијание врз регулатори. Ние немаме ниту обврска, ниту можност да ги контролираме цените во маркетите, или пак да контролираме она што владата го донела како своја одлука“, изјави Владимир Наумовски, претседател на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
По одлуката на Владата за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, пекарите ја остварија заканата дека нема да произведуваат, бидејќи според нив, со таквиот чекор се нарушува слободата на пазарот.
Анита Димитријевска Велковска
