Самит на Г-20 во Индија
Самит на Г-20 во Њу Делхи, војната во Украина и амбициозната агенда на Кина за светска доминација меѓу главните теми. Индија очекува шефовите на дипломатиите на најразвиените држави да ги надминат разликите околу приоритетните прашања на глобално ниво. Дводневниот самит следува по неуспехот на минатонеделниот состанок на министрите за финансии на Г-20 во Бенгалуру...

Војната во Украина, економските последици од руската инвазија и амбициозната агенда на Кина за светска доминација меѓу главните теми на самитот на Г-20 во Индија. Земјата-домаќин ги повика учесниците од дваесетте најразвиени држави да постигнат согласност околу прашањата кои ги засегаат посиромашните земји, дури и ако не биде надминат големиот јаз меѓу Истокот и Западот и зголемениот антагонизам на светската политичка сцена.
„Мора да признаеме дека мултилатерализмот денес е во криза. Архитектурата на глобалното владеење по Втората светска војна имаше две функции. Прво, да спречи идни војни со балансирање на конкурентните интереси. Второ, да поддржи меѓународна соработка за прашањата од заеднички интерес. Искуството во последните две години – финансиската криза, климатските промени, пандемијата, тероризмот и војните јасно покажуваат дека глобалното владеење не успеа ни во една од двете цели“, изјави Нарендра Моди, премиер на Индија.
„Се соочуваме со повеќекратна криза. Во овој контекст, можеби немаме исто мислење, но имаме прашања за кои постојат огромни разлики во ставовите и гледиштата. Сепак, мора да најдеме заеднички јазик и насока бидејќи светот го очекува тоа од нас“, изјави Субраманјам Џаишанкар, министер за надворешни работи на Индија.
Според најавите на дел од учесниците, не се очекуваат тектонски поместувања во позициите на главните играчи. САД и ЕУ со непроменет став за Русија. Германија најави спротивставување на пропагандата на Кремљ и од нив бара целосно спроведување на договорот за контрола на нуклеарното оружје познат како „Нов СТАРТ“. Американскиот државен секретар не планира средба ни со колегата од Русија, Лавров, ни со кинескиот министер за надворешни работи, Ганг.
„Сигурен сум дека нашата соработка ќе создаде континуитет и напредок во сите области договорени од нашите лидери, особено на самитот во Пекинг на 4-ти февруари лани“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Групата Г-20 сочинува над 80 отсто од светскиот бруто домашен производ, 75 отсто од глобалната трговија и околу 60 отсто од светското население.
Маја С. Филдишев
