Македонија

Изложба на скулптури „Фамилија“ на Синиша Новески во КИЦ

02.03.2023 12:29

Зад Новески стојат 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Учествувал на десетина ликовни колонии и симпозиуми и освоил повеќе награди како за своето уметничко творештво така и за менторски-педагошко работење со студенти...

Од вечерва до 14-ти март во Салонот Империјал 1 во Културно-информативниот центар – Скопје ќе биде поставена изложбата на скулптури „Фамилија“ на скулпторот Синиша Новески.

Во најавата на изложбата академскиот сликар и професор Владимир Величковски истакнува: „Синиша Новески во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилна претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот. Едноставноста, рамнотежата и чистата пластичност на скулптурите а и во цртежите, оставаат простор и за проширено толкување на неговите дела. Материјалот и чувствата во делата на Новески се неодвоиви компоненти во кои е содржана човечката искра на благост и на присност, но и на отуѓеност, искажани со една непосредност или „изворна едноставност“.

Зад Новески стојат 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Учествувал на десетина ликовни колонии и симпозиуми и освоил повеќе награди како за своето уметничко творештво така и за менторски-педагошко работење со студенти. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија.