Дојави за бомби

Средношколците револтирани, МОН бара решение како да продолжи наставата

02.03.2023 12:41

И утрово упатена закана за подметнати експлозивни направи пристигнале на електронските адреси на повеќе училишта во Скопје. Учениците со поделени мислења-едни се за онлајн настава, други се против. Училиштата прават напори да нема застој во наставата. Министерот Шаќири вели дека се прават анализи за комбинирана. Признава дека има проблем во системот...

Петнаесетина минути откако дошле на училиште, ученици и професори мораа да се вратат назад. Едните да предаваат, а другите да следат настава онлајн. Средношколците со кои разговаравме се револтирани од ваквата состојба со лажните дојави за бомби, којашто трае со месеци. Велат, изгубиле многу часови, а дома не можат добро да го совладаат материјалот.

„Многу се изгуби по клучните предмети како што се математика, македонски, англиски што се побитни.“

„Дома не слушаме толку друго е на часовите во живо имаме комуникација со наставниците и се е подобро.“

Директори на средни училишта стравуваат дека ќе се направи непоправлива штета врз образованието на матурантите, кои веќе имаат проблем да го совладаат материјалот од изминативе четири години.

Министерот Шаќири размислува дали наставата треба целосно да се префрли онлајн, но вели, таквата одлука ќе се донесе откако Владата ќе ги анализира проблемите што произлегле од комбинираниот модел. Признава дека голем број училиштата имале проблем да се вклучат на платформата, но тоа брзо било надминато. Шаќири најави дека ќе се разгледува и електронската комуникација преку која стигнуваат заканите за поставени бомби.

По однос на матурата Шаќири тврди дека Државниот испитен центар ги презема сите мерки за да нема застој при полагањето, за што е формирана и работна група.

 

 

 

Викторија Милевска