Регион

Шефот на станицата ја презема одговорноста за железничката несреќа во Грција

02.03.2023 14:13

Против него е поднесена кривична пријава за нарушување на безбедноста на превозот, убиство од небрежност и телесни повреди од небрежност. Во меѓувреме, со кранови и тешка машинерија, спасувачите ги пребаруваат остатоците. Се извлекуваат безживотните тела на патниците...

Шефот на станицата ја презема одговорноста за железничката несреќа во Лариса, Грција. Признал дека патничкиот воз го пуштил да вози на погрешни шини. Против него е поднесена кривична пријава за нарушување на безбедноста на превозот, убиство од небрежност и телесни повреди од небрежност. Во меѓувреме, со кранови и тешка машинерија, спасувачите ги пребаруваат остатоците. Се извлекуваат безживотните тела на патниците.

„Временските услови не се на нашата страна во моментов. Но, за жал, олку е времето, а ние имаме работа и ќе дадеме се од себе под какви било услови“, изјави Константинос Иманимидис, тим за пребарување и спасување на Црвен крст од Грција.

„Ова е масовен, досега невиден инцидент за Грција, со многу жртви. Од самиот почеток се користени кранови и специјални машини на итната спасувачка служба, за да можат да сечат и транспортираат парчиња, и да може да се изврши увид во урнатините“, вели Димитриос Накос, претседател на Грчката федерација на волонтерски организации за цивилна заштита.

Трагичниот биланс на загинати од час на час се зголемува. 20-годишен студент од Волос кој патувал за Солун, од ударот бил исфрлен в поле, а спасувачите го пронашле во бессознание. Момчето е префрлено во болница.

„Вкупно 70 полицајци се распоредени на местото на несреќата и во Општата болница во Лариса“, изјави портпаролот на Противпожарната бригада.

Здруженијата на работниците во железницата свикаа штрајк и запирање на железнички услуги и метрото во Атина. Назадоволни се од условите за работа и застарениот железнички систем. Во Грција е тридневна жалост. Министерот за транспорт се повлекува од функцијата, премиерот вети дека ќе има правда.

„Правдата ќе се го најде патот. Одговорните ќе одговараат. Државата ќе застане на страната на семејствата на загинатите“, нагласи премиерот Киријакос Мицотакис.

Возот од Атина до Солун превезувал 350 патници, од кои повеќето студенти кои се враќале од карневалски викенд. Синоќа граѓаните на Атина, главно млади луѓе излегоа на улиците гневни поради железничката несреќа. Протестот набрзо прерасна во судир со полицијата. Демонстрантите употребија молотови коктели, чуварите на редот интервенираа со солзавец.

Маријана Димовска