Димовски: Мора да научиме да се справуваме со современите закани
Мора да се работи на спречување на дојавите за наводно поставени бомби траат веќе половина година и се зголемуваат со што се дестабилизира целото општество, оценува професорот по безбедност Злате Димовски за МРТ. Според него време е да се направи систем како во другите држави коишто ги спречуваат дојавите за бомби преку и-мејлови и да се побара помош од провајдерите за воведување на филтри на и-мејловите со вакви содржини...

Дестабилизирачки е што дојавите за наводно поставени бомби во училиштата и јавните објекти траат веќе 6 месеци и се интензивираат. Не страдаат само децата, туку и родителите и работниот процес оти неизвесно е што ќе донесе денот, дали ќе има дојави за бомби или не. Стравот и паниката веќе е вграден кај луѓето и затоа мора да се работи на спречување на овие појави, смета професорот од факултетот за безбедност Злате Димовски.
„Сменети се сега и-мејловите на училиштата, но повторно пристигнуваат. Како стигнуваат истите тие? Значи сепак нешто се случува, некој пренесува информации. Ние ќе треба на тој план да работиме она што од нас го правиме. Потоа заедно со провајдерите оние што ни ги донесуваат самите и-мејлови, а тоа се Гугл и сите оние провајдери коишто постојат во светско ниво, да побараме од нив помош, во смисла тие да обезбедат одредени филтри и да тие и-мејлови коишто содржат и имаат ваква содржина да се попречуваат и да не стигнат до оние за коишто тие имаат намера да ги пратат“, изјави Злате Димовски, професор на Факултетот за безбедност.
Досега дојавите се покажаа како лажни, но мора да ги прифатиме како современи закани и да се научиме како да се справуваме со нив, вели професорот.
„Да воспоставиме еден систем на попречување па и по цена евентуално тоа да не чини малку повеќе од материјална природа. Едноставно да прекинеме со начинот да ние штедиме на некаков си систем за заштита од ваквите напади. Затоа што имало искуства во другите земји. Очигледно тие нашле модалитети како да прекинат со сето тоа и ние ќе мора да ги искористиме тие нивни искуства во функција да воспоставиме некаков систем да не можат тие да доаѓаат, а факт е дека ако некој има екстремни намери, ако некој има терористички намери едноставно не можеме да го попречиме ако немаме сознанија. Тој сигурно не би дојавил за тоа што сака да го направи“, изјави Злате Димовски, професор на Факултетот за безбедност.
Мора сериозно да ги сфатиме овие дојави за поставени бомби. Како ќе влијаат во државата зависи од тоа како ќе се поставиме понатаму, вели професорот Димовски.
Ирина Гелевска
