Синдикати

Здравствените работници повторно на протест, ако новиот министер и владата немаат слух за проблемите

02.03.2023 14:41

Минатата недела лекари, медицински сестри и останатиот персонал за време на паузата го искажаа револтот, од како што велат, игнорантскиот однос на владата за нивните проблеми. Здравствените работници се засегнати и од предлог-законот за плати во јавниот сектор, со кој е предвидено кратење на личниот доход...

Претставници од Синдикатот на Клинички центар идната недела ќе имаат средба со новиот министер за здравство. Иако е од нивната фела и ги знае проблемите со кои се соочуваат здравствените работници, сепак ќе му ги кажат барањата меѓу кои е и нереализираното 10 процентно годишно зголемување на платите, од кое добиле само 5 отсто. Доколку тој и владата немаат слух, повторно најавуваат протести.

„Баравме состанок со премиерот. Од ноември до сега, а сега сме март месец, секогаш се флексибилни ама досега се немаме ниту видено, ниту слушнато, ниту разговарано. Тоа што го ветија 10 посто годишно, досега од 30 посто за 3 годишно ние имаме добиено само 5 посто. Скалесто немаше покачување, се договоривме за некои 2.806 денари линеарно да добијат сите“, изјави д-р Предраг Серафимовски, Самостоен синдикат на Клинички центар.

Минатата недела лекари, медицински сестри и останатиот персонал за време на паузата го искажаа револтот, од како што велат, игнорантскиот однос на владата за нивните проблеми.

Здравствените работници се засегнати и од предлог-законот за плати во јавниот сектор, со кој е предвидено кратење на личниот доход. Од синдикатите велат, ги уништува правата што работниците веќе ги стекнале.

„Сакаат секаде да ја стават минималната категорија, иако е социјална категорија и така треба да ја рачунаме, сакаат да ја стават во сите плати во јавниот сектор како основна плата и она што е најтрагично веќе да го немаме она процентуално зголемување на платите туку да има само линеарно зголемување на платите“, рече Благоја Ралпковски, Конфедерација на слободни синдикати.

Против предлог-законот за плати во јавниот сектор е и самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Андријана Ѓурческа