Продолжува идентификацијата на загинатите во железничката несреќа во Грција, потврдени 57 жртви
Досега официјално се потврдени 57 загинати, а во болниците се хоспитализирани 48 патници, од кои шест се на одделите за интензивна нега, пренесуваат медиумите...

Расте бројот на загинати во железничката несреќа во Грција. Акцијата на спасувачите продолжи и рано утрово. Досега официјално се потврдени 57 загинати, а во болниците се хоспитализирани 48 патници, од кои шест се на одделите за интензивна нега, пренесуваат медиумите.
Идентификација на жртвите се врши преку ДНК анализи, а според портпаролката на грчката полиција Константина Димолиду земени се 55 примероци од телата, 52 примероци од роднини на патниците и 26 примероци од пронајдените делови од човечки тела.
Речиси 60 часа по несреќата, не постои точна информација колку патници имало во возот. Од компанијата „Хеленик трејн“ во средата соопштија дека во патничкиот воз се пренесувале околу 350 патници.
Над две илјади луѓе втор ден протестираа во Атина и Солун, шокирани од трагедијата. Грчките железници и Метрополитен метро одржаа 24-часовен штрајк. Демонстрантите и синдикатите го обвинуваат железничкото претпријатие и неколку влади за негрижа и занемарување на потребите на железницата.
Властите ветуваат одговори по масовната истрага.
