Франција

Во Франција зголемување на цените на прехрамбените производи

03.03.2023 11:48

Неколку дена пред новата мобилизација на Французите против реформата на пензискиот систем, закажана за 7-ми март, зголемувањето на цените на прехранбените производи ја загрижуваат француската влада и претседателот Макрон...

Претседателот Макрон на оваа тема свика состанок на Владата, откако претходно ја повика дистрибуцијата-супермаркетите да направат напори околу зголемувањето на цените. Годишните преговори меѓу супермаркетите и прехранбената индустрија завршија вчера со договор за зголемување на цените за 10 отсто, што може да се одрази уште во текот на овој месец во продавниците.

Ако синџирите на супермаркетите не одговорат на повикот од Владата да се воздржат од зголемување на цените, овие 10 отсто ќе се надоврзат на минатогодишното зголемување од 14,5 отсто на прехранбените производи. Мината година продажбата на прехранбени производи се намали за 9,1 отсто во Франција, што сведочи за намалувањето на куповната моќ и штедењето на основните прехранбени производи. Имено, во Франција минатата година 2,5 милиони лица побарале помош од прехранбените банки, односно за основни прехранбени производи, што претставува зголемување за три пати во однос на бројките од пред 10 години.

Во овие услови лебот е еден од производите со кои супермаркетите ги привлекуваат купувачите. Француските пекари побараа од Владата да го користат новиот тарифен штит за енергијата со ограничено зголемување на цената од 15 отсто, како и обичните потрошувачи, во спротивно цените на лебот повторно ќе се зголемат.

Одговорот на Владата и решението се очекува до 15-ти март, со страв протестите против реформата на пензискиот систем не се претворат во протести против скапиот живот, како што беше бунтот на „Жолтите елеци“.

 

Тони Гламчевски