Лебна криза

Нема леб во маркетите, редици пред малите пекари

03.03.2023 12:10

Владата ги обврза пекарите да испорачаат леб по ограничена цена, но на рафтовите во супермаркетите лебот од 33 денари и денеска го нема. Граѓаните револтирани. Редици пред малите локални пекарници, се чека и со часови за овој основен прехранбен продукт…

Полиците на маркетите празни, повторно нема бел и полубел леб, иако Владата со одлука ги обврза пекарите да го стават во промет лебот по замрзната цена. Граѓаните спас бараат во малите локални индивидуални пекари кои продаваат леб по цена од 33 денари. Редици пред продавниците, за леб од фурна се чека и со часови.

„Низ маркетите во Автокоманда, леб нема никаде. Приватна фурна е само оваа тука, и таму сега заврши. Ни кажаа за час и половина ќе има, да дојдеме пак“, вели еден жител на Автокоманда.

„Двајца сме дома, има лепче но гледам дека има гужва, па застанав на ред да си земам“, додава друг.

Побарувачката е поголема отколку што малите производители на бели печива можат да постигнат. Велат, капацитетите им се ограничени, а притисокот голем за да услужат што повеќе свои соседи.

„Побарувачката е зголемена, народот доаѓа. Како да ги вратиме? Но, не можеме да постигнеме никако, нема кој да работи, мајстори нема. Утрово се продаде цел леб, и уште се бара, но не можеме да постигнеме“, вели сопственик на мала пекара.

Граѓаните бараат надлежните да најдат чаре за лебната криза.

„Односот на големите производители е водење инает, гледаат чија желба да се исполни.“

„Тешко на народот, некој има пари да си купи или да направи, некој нема … како ќе помине тој?“, велат граѓаните што ги анкетиравме.

Владата неодамна донесе одлука за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, по што пекарите ја остварија заканата дека нема да произведуваат и испорачуваат, бидејќи сметаат дека на овој начин се нарушува слободата на пазарот.

Анита Димитријевска Велковска