Шефот на станицата во Грција завршил тримесечен курс, гневот кај Грците расте
Револтот поради стравотната несреќа во Грција на престанува. Штрајк на железницата, масовни протести на граѓаните. Во Солун демонстрантите се судрија со полицијата. Продолжува идентификацијата на жртвите. Официјално потврдени 57-мина загинати...

По кобната железничка несреќа во Грција расте бесот на Грците. Илјадници лица излегоа на протест во Солун и во Атина. Се протестираше пред седиштето на националниот оператор Хеленик возови во Атина. Во Солун протестите прераснаа во насилство откако демонстранти фрлаа камења и петрол-бомби.
„Железничкиот оператор и сегашната и претходната влада ја делат одговорноста, бидејќи ги игнорираа барањата на вработените кои секојдневно, изразуваа загриженост за здравствени и безбедносни прашања и можност за сериозна несреќа. Сега дојдовме до точка каде што жалиме десетици наши сограѓани, повеќето млади никогаш нема да се вратат дома. Нема да дозволиме, под никакви околности, ова да биде заборавено“, изјави Маркос Бекрис, претставник на Синдикатот од Пиреја.
На штрајк излегоа и вработените во грчките железници. Во меѓувреме, расте бројот на жртвите во железничката несреќа. Продолжува и идентификацијата на загинатите.
„Железничката компанија четири пати ми го спомна името и сè уште никој не ме повика. Го изгубив брат ми, го изгубив татко ми. Тоа не може да се смени. Но, поентата е нешто да се направи за вакво нешто да не се случи повторно.“
„Побараа примерок од ДНК, тоа се однесува само на оние што се мртви. Значи, однапред е заклучено дека брат ми е мртов.“
Два дена по судирот на двата воза, на виделина излегоа големите недостатоци и застареноста на мрежата. Синдикатите пред несреќата, повеќе пати испраќале предупредувања за тешката состојба во железничкиот сообраќај.
„Не сакам никој да дојде и да ми даде поддршка. Можам самиот да се издржувам. Може ли некој да ми каже дека ваква несреќа нема да се повтори во 2023 година? Не можеме да ја префрлиме целата вина на една личност што направила една грешка и предизвикала смртни случаи. Тој е човек. Сите сме луѓе.“
Грчките медиуми го потенцираа недостатокот на искуство на шефот на станицата, осомничен во несреќата затоа што, според нивните информации, тој бил назначен пред само 40 дена. Објавуваат – пред стапувањето на новото работно место, тој завршил тримесечен курс.
Марина Ристова
