Руските сили го кренаа во воздух клучниот мост кон Бахмут, тврди Украина
Шефот на озлогласената формација „Вагнер“, вели дека неговите сили го опколиле градот Бахмут и го повика украинскиот претседател да нареди повлекување на украинските сили од Доњецк. Покрај напредокот на руските сили, Киев вели дека ќе ја продолжи битката за источниот град и оти не планира целосно да се повлече...

Украинските власти тврдат дека руските сили го кренале во воздух клучниот мост кон Бахмут. Шефот на озлогласената формација „Вагнер“, вели дека неговите сили го опколиле градот и го повика украинскиот претседател да нареди повлекување на украинските сили од Доњецк.
„Единиците на групата Вагнер практично го опколија Бахмут. Остана само еден пат. Претходно се боревме со професионалната украинска армија, но денес се повеќе се соочуваме со старци и деца“, изјави Евгениј Пригожин, сопственик на руската воена компанија Вагнер Груп.
Според властите инсталирани од Русија, над 70 жители на Бахмут и околните области, каде што со недели се води жестока битка, се засолниле во објект за привремено сместување во регионот Доњецк, анектиран од Русија.
„Би сакал да се вратам дома, да го обновиме градот. Сакам да ги одведам мојата сопруга и децата, на најмалку 200 километри од воените дејствија, каде што проектилите не можат да стигнат. Би сакал добар, нормален живот“, рече Сергеј Вјачеславски, бегалец од областа Бахмут.
И покрај напредокот на руските сили, Киев вели дека ќе ја продолжи битката за источниот град и оти не планира целосно да се повлече. Претседателот Зеленски претходно се закани дека рускиот ракетен напад врз станбен објект во Запорожје ќе резултира со воен и правен одговор.
„Окупаторот неизбежно ќе ја почувствува нашата сила. Силата на правдата во секоја смисла на зборот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Москва и Киев со меѓусебни обвинувања за напад врз селани во областа Брјанск. Кремљ тврди дека украински саботери преминале во западна Русија и отвориле оган. Украина негира и предупреди дека Москва ги користи наводите за да го оправда засилувањето на сопствените напади во тековната војна.
„Се преземаат дополнителни мерки. Вчерашниот терористички напад ќе биде истражен и ќе се преземат мерки за да се спречи таков развој на настаните во иднина“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
На самитот на Г-20 во Индија, шефот на руската дипломатија Лавров ја бранеше воената операција во Украина и рече дека економската група никогаш не била загрижена за претходните конфликти во другите нации. Американскиот државен секретар Блинкен пак вели дека ако и се дозволи на Русија да помине неказнето за она што го прави во Украина, тогаш се испраќа порака до агресорите оти секогаш може да се извлечат.
Маријана Димовска
