Брисел

Продолжува усогласувањето со европското законодавство

03.03.2023 14:35

Во Брисел заврши скринингот за поглавјата 9 „финансиски услуги“ и 28 „права на потрошувачи и јавно здравје“ од кластерот 2- внатрешен пазар, кој е еден од носечките кластери поради својата големина но и важност оти во него се содржани поглавјата за 4 основни слободи што се основа на договорот за формирање на Европската Унија. Македонската делегација предводена од вицепремиерот за европски прашања Битиќи посочил дека продолжуваме со усогласување со европското законодавство и подготовката на државата за конкуренцијата на единствениот европски пазар...

„Силно сме посветени на усогласување на правото и регулативите на Европската Унија со цел полноправно членство. Но, важна е и подготовката и зголемувањето на конкурентноста на домашната економија за побрза и поцелосна транзиција кон единствениот пазар на Европската Унија“, истакна вицепремиерот за економски прашања Битиќи, кој ја предводеше македонската делегација на скринингот за поглавјата 9 и 28, финансиски услуги и права на потрошувачите и јавно здравје од кластерот 2-Внатрешен пазар.

„Патот е јасен, засилено усогласување на препораките и директивите од Европската комисија. Зајакнување на конкурентноста преку инвестиции кои носат додадена вредност. Вложување во образование и инвестиции, во истражување и развој, како и човечкиот капитал. Да креираме пазар на труд кој ќе може да биде подготвен за четвртата индустријализација, конкурентен и лесно прилагодлив“, изјави вицепремиерот Битиќи.

Главниот преговарач со ЕУ вицепремиерот за европски прашања Маричиќ на скринингот за Поглавјето 2 „Слободно движење на работници“ од кластерот 2, истакнал дека по пристапувањето во ЕУ, македонските работници ќе имаат еднаков третман при вработувањето без работни дозволи, со меѓусебно признавање на квалификациите, и со социјално осигурување како граѓаните на унијата.

„Имаме направено низа реформи во оваа област, но уште треба да се направи. Северна Македонија има склучено 22 билатерални договори за социјално осигурување, од кои 15 се со земји-членки на Европската Унија. Исто така имаме потпишано договори со 9 земји-членки на Европската Унија за користење на европската картичка за здравствено осигурување на територијата на Република Северна Македонија“, изјави вицепремиерот Маричиќ.

Од кластерот 2 – Внатрешен пазар останува скринингот за поглавјето 8 „конкуренција“.

 

Ирина Гелевска