Протестираа текстилните работнички во Кавадарци поради одлуката на судот за три неисплатени плати
Вработените од текстилна фабрика во Кавадарци тужеле оти не добиле три плати, судот одлучил во корист на фабриката и работничките треба да платат 20 илјади евра судски трошоци...

Незадоволни од судската одлуката, околу седумдесетина текстилни работнички од фабрика во Кавадарци, протестира пред Основниот суд во градот. Тие се револтирани бидејќи иако работодавецот им должел три плати, вклучувајќи и придонеси или по 130 илјади денари за секоја од нив, судот донел одлука, дека не се во право и треба да платат вкупно 20 илјади трошоци за судската постапка.
Судот при одлучувањето констатирал дека, вработените немаат докази дека во периодот кога тужеле, тие биле работно ангажирани во текстилната фабрика. Затоа пак, вработените сведочат како во тој период пари од фабриката каде биле ангажирани, се пумпале во новоформираната, која ја наследила сега згаснатата текстилна фабрика.
Во друг случај, сопруг на поранешна вработена, која во меѓувреме починала, на првостепен суд добива, дека фабриката и должи тогаш две плати, пресуда која е потврдена од апелација.
Од Основен суд Кавадарци, информираа дека побарале од лицата кои протестирале пред судот, да бидат примени и кажат зошто протестираат, но никој не се појавил на состанокот, па тие не знаеле зошто е протестот. Пресудата не е правосилна, странките имаат можност да ја обжалат пред Апелација.
Петар Печков
