Генералниот секретар на ОН Гутереш инсистира да се уништи нуклеарното, хемиското и биолошкото оружје
Бахмут останува во центарот на вниманието на украинската војна. Групата Вагнер, тврди дека руските сили целосно го опколиле овој град и бара Киев да ги повлече трупите. И додека војниците ја спроведуваат воената стратегија на терен, дипломатите со раздвижена агенда во потрага по некакво решение...

Бахмут останува во центарот на вниманието на украинската војна. Групата Вагнер, тврди дека руските сили целосно го опколиле овој град и бара Киев да ги повлече трупите. И додека војниците ја спроведуваат воената стратегија на терен, дипломатите со раздвижена агенда во потрага по некакво решение.
Неделава на самитот Г20 во Индија, Истокот и Западот ги повторија ставовите околу војната и кризата која произлезе од неа. За ЕУ и САД, виновна е Москва, за Кремљ – Киев. Рускиот шеф на дипломатијата Лавров беше затекнат во непријатна ситуација за време на својот говор. Пред присутните нагласи, дека Москва всушност правела напори да го запре конфликтот, па наиде на громогласен потсмев во салата.
„Знаете, војната која се обидуваме да ја запреме, и која беше почната против нас, користејќи ги Украина и украинскиот народ секако влијаеше врз политиката на Русија, вклучувајќи ја и политиката за енергетика“, изјави Сергеј Лавров - министер за надворешни работи на Русија.
Во пресрет на 5 март, Меѓународниот ден на свеста за разоружувањето, генералниот секретар на ОН Гутереш инсистира да се уништи нуклеарното, хемиското и биолошкото оружје, пред тоа да го уништи човештвото. Организацијата процени дека воените трошоци достигнале рекордно ниво со што се зголемува ризикот од судири.
