Најпознатиот вински критичар го потврди квалитетот на вината на Тиквеш

06.05.2014 14:05

Осум вина на винарската визба „Тиквеш“ добија високи оценки за квалитет од најпознатиот светски вински критичар Роберт Паркер и „Wine advocate“...

Нова потврда за квалитет добија осум вина на винарската визба „Тиквеш“ и тоа од од најпознатиот светски вински критичар Роберт Паркер и „Wine advocate“, соопштија од компанијата. Црвеното вино Бела вода од бербата 2012 доби високи 95 бодови, со што се вброи во престижната светска винска елита, потврдувајќи ја високата оценка од пред две години.

Освен Бела Вода од 2012-та, оценка од 94 поени од тимот на Паркер доби и истото вино од бербата 2011 година. Високо оценети се и црвеното Барово 2011 и 2012 со по 93 поени, белото Барово од 2012 и од 2013 со по 89 поени и белото вино Бела вода од бербата 2012 со 90, а од бербата 2013 со 92 поени. Впечатливо е дека заедно со првата оценка за бербата 2010 година (94 поени), црвеното вино Бела вода има високи оцени за 3 последователни берби.

„Ние во Тиквеш сме денес особено горди, затоа што овој успех потврдува дека нашите вина можат рамноправно, без каков било комплекс, да се мерат со вината од светската елита. Повторувањето на високите оценки, овојпат за дури осум вина, е доказ за конзистентноста на квалитетот во сите фази на производството и огромен поттик за извозните аспирации на Тиквеш. Дополнително, а не помалку важно, е што ваквите настани можат да се искористат во напорите за пробив во градењето на идентитетот на севкупната македонска винска индустрија во винскиот свет“, изјави претседателот на Управниот одбор на винарницата, Светозар Јаневски.

Овие оценки на The Wine Advocate на Роберт Паркер имаат трикратно значење за „Тиквеш“. Имено, континуитетот ја потврдува стратегијата на квалитет пред квантитет. Исто така, оценките се најдобра препорака за консументите во САД како највлијателен пазар и тој ефект се пресликува и на европскиот пазар, но и во Кина. И на крајот, го позиционираат „Тиквеш“ на светската мапа на висококвалитетни производители на вина како предводник на македонската винска индустрија, истакна Игор Илиевски, генерален директор на „Тиквеш“.