Украина

Жестоки борби во Бахмут

04.03.2023 12:00

Во пресрет на 5 март, Меѓународниот ден на свеста за разоружувањето, генералниот секретар на ОН Гутереш, инсистира да се уништи нуклеарното, хемиското и биолошкото оружје пред тоа да го уништи човештвото...

Бахмут останува во центарот на вниманието на украинската војна. Групата Вагнер тврди дека руските сили целосно го опколиле овој град и бара Киев да ги повлече трупите.

„Им се намалуваат силите. Се обидуваат да ја принудат украинската армија да замине од Бахмут, за да не може да го браниме градот. Се андеваат дека ќе влезат без големи загуби, но веќе загубија многу луѓе. Неизбежна е катастрофата за групата Вагнер и за руската војска“, изјави Курт - украински командант.

Министерот за одбрана на Русија, Шојгу, во инспекција на т.н. „Источна формација“ во јужен Доњецк. Украинскиот претседател Зеленски најави отворање на канцеларија на Меѓународниот кривичен суд во Киев, бидејќи, како што вели, во неговата земја „биле извршени 70 илјади воени злосторства“.

И додека војниците ја спрoведуваат воената стратегија на терен, неделава и дипломатите со раздвижена агенда. Претседателката на Европскиот парламент Мецола беше во посета на Лавов. Од стартот на инвазијата, ЕУ потроши околу 67 милијарди евра за помош на Киев. Во Вашингтон средба меѓу американскиот претседател Бајден  и германскиот канцелар Шолц. Проширувањето на НАТО со нордиската двојка останува меѓу приоритетите. Неделава и на самитот Г20 во Индија, Истокот и Западот ги повторија ставовите околу војната и кризата која произлезе од неа.

За ЕУ и САД, виновна е Москва, за Кремљ - Киев. Рускиот шеф на дипломатијата Лавров, беше затекнат во непријатна ситуација за време на својот говор. Пред присутните нагласи дека Москва всушност правела напори да го запре конфликтот, па наиде на громогласен потсмев во салата.

Знаете, војната која се обидуваме да ја запреме и која беше почната против нас, користејќи ги Украина и украинскиот народ, секако, влијаеше врз политиката на Русија, вклучувајќи ја и политиката за енергетика“, изјави Сергеј Лавров - министер за надворешни работи на Русија.

Во пресрет на 5 март, Меѓународниот ден на свеста за разоружувањето, генералниот секретар на ОН Гутереш, инсистира да се уништи нуклеарното, хемиското и биолошкото оружје пред тоа да го уништи човештвото. Организацијата процени дека воените трошоци достигнале рекордно ниво со што се зголемува ризикот од судири.

 

Маја С. Филдишев