Струмица

Јапонската амбасада ќе донира 4Д ултразвучна опрема за струмичката болница вредна 51 илјада евра

04.03.2023 13:33

Струмичката болница ќе добие нова 4Д ултразвучна опрема за рана дијагностика на болести кај бремените жени и новороденчиња вредна 51 илјада евра. Станува збор за донација од Јапонија за што беше потпишан договор меѓу јапонскиот амбасадор во земјава и директорката на болницата. Со истата се очекува поквалитетни здравствени услуги за околу 22 илјади жени од југоистокот...

Одделението за гинекологија и акушерство при струмичката болница наредниот период ќе добие 4Д ултразвучен систем за рана дијагностика на болести кај бремените жени. Станува збор за опрема вредна 51 илјада евра, донација од Јапонија. Директорката Катерина Кузмановска вели дека со новата опрема ќе се подигне степенот на здравствената заштита на бремените жени и новороденчињата не само во Струмица туку и во југоистокот.

Кузмановска заедно со амбасадорот на Јапонија во земјава Оцука Казуја го потпишаа договорот за Грант за помош на мали проекти за човекова безбедност (GGP). Амбасадорот на Јапонија го изрази задоволството што ова донација околу 22 илјади жени од југоистокот ќе добијат поквалитетни здравствени услуги.

Преку проектите од програмата за мали грантови, Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема околу 66 здравствени установи во земјава.

 

Ване Трајков