Куманово: Со проширување на зона, ќе се решава метежот
Со нови паркинг места во поширокото централно подрачје надлежните во Куманово ќе се обидат да го решат сообраќајниот метеж. Процените се дека во најголемата општина во земјава има регистрирани над 25.000 возила, а претпријатието располага со само 600-ина паркинг места и една катна гаража...

Со проширување на Б зоната во поширокото централно подрачје во Куманово ќе се решава сообраќајниот метеж. Се подготвуваат проекти за нови паркинг места на јавните површини, кај училиштето „Бајрам Шабани“, „Поток Серава“, пред градскиот базен кој советот го додели како имот на јавното претпријатие. Надлежните очекуваат од 300 до 400 нови паркинг места. Досега во градот во зоната А има 580. Нагласуваат дека цената нема да се зголеми, односно за А зоната е 30, а за Б 20 денари.
„Со поставување на Б зона ќе се растерети А зоната. Тоа е сообраќајна пракса, правило и ќе им овозможиме на граѓаните да циркулираат безбедно и сообраќајниот хаос да се растерети. Насока и интенција на ЈП Куманово паркинг е со Б зона да се растерети А зона“-нагласи Сашо Петрушевски, в.д директор на ЈП „Куманово паркинг“.
Претпријатието од неодамна доби ново пајак возило. Просечно дневно со него се креваат од 15 до 20 автомобили, некогаш и повеќе особено во летниот период.
„Старото возило е функционално комплет е сервисирано не беше сервисирано десет години, два месеци беше на сервис целосен, во возна состојба е и мислам дека во наредниот период ќе разговарам со началникот на СВР Куманово со две возила да го расчистуваме сообраќајниот хаос“, дополни Петрушевски.
Процените се дека во Куманово има над 25.000 регистрирани возила. Јавното претпријатие во моментов располага со само 580 паркинг места и една катна гаража. Поради корона кризата беше одложено проширувањето на зоната Б.
Елена Георгиевска
