Струга

Ќе се ревитализира турскиот амам „Мустафа Челеби“ во Струга

04.03.2023 16:32

Струшкото муфтиство најавува ревитализација на турскиот амам Мустафа Челеби. Објектот, стар околу пет века, кој е вреден споменик на културата со децении е оставен на забот на времето...

Ќе се ревитализира турскиот амам „Мустафа Челеби“ во Струга. Поради нарушени имотно-правни односи, со децении беше оставен на „забот“ на времето.

Објектот, стар околу пет векови, кој е вреден споменик на културата денес е речиси руиниран. ИВЗ со помош на верниците конечно успеа да го откупи дворното место и најавува враќање на сјајот на турската бања.

„Благодарение на позитивниот одзив на верниците од градот и нашите вредни печалбари се собраа доволно пари и се откупи делот кој беше приватизиран. Со тоа се отстранија сите препреки да се пријде кон амамот. Досега не можеше да се види амамот кој е многу вреден од културен аспект“, вели Јакуп Ќазимоски од струшкото муфтиство при ИВЗ.

Од струшкото муфтиство велат ќе најдат средства и за реставрација, турскиот амам ќе биде туристичка атракција во градот.

„Заедно со Завод и музеј да се направи еден проект кој ќе се ревитализира и реставрира објектот и на тој ќе се врати на својата намена ќе им служи на сите граѓани без разлика на верската и националната припадност. Ќе биде отворен и интересен за многуте туристи кои доаѓаат во Струга“, вели Ќазимоски.

Турскиот амам во Струга бил во функција до 1954 година, кога бил национализиран, а потоа дел од него бил приватизиран. Објектот се смета за важен споменик на османлиската архитектура во земјава.

 

Соња Рилковска