Инклузивен спорт за лицата со попреченост во Струга
Преку спорт и рекреација поголема инклузија на лицата со попреченост од Струга. Петнаесетина лица со посебни потреби од струшко докажуваат дека спортот и физичкото вежбање не се резервирани само за „здравите“ лица. Три часа неделно тренираат џудо заедно со професионалните спортисти…

Преку спорт и рекреација до поголема инклузија на лицата со попреченост од Струга. Спортот и физичкото вежбање не се резервирани само за „здравите“ луѓе.
Тоа го докажуваат петнаесеттина лица со посебни потреби од струшко, кои три часа неделно имаат спортски активности, тренираат џудо, заедно со професионалните спортисти.
„Џудото е особено спорт кој буди среќа и насмевки кај сите лица не само кај лицата со попреченост. Туку и кај сите џудисти. Нивната среќа и радост за нас е задоволство. Ние како тренери и цел стручен тим во клубот се трудиме максимално да им се посветиме“, вели Ѓорѓи Стојанов, тренер.
Спортот за лицата со попреченост е од особено значење, тоа им причинува посебно задоволство. Се дружат и социјализираат, но им се подобрува и менталното и физичкото здравје.
„Овој проект за мене има посебно значење, бидејќи на лицата со попреченост им дава посебна вредност дека и тие можат повеќе, можат и да спортуваат, можат и потешки спортови. Можат нешто многу повеќе да направат и да постигнат“, вели Даниел Шикоски, лице со оштетен вид.
Проектот „Спорт за сите“ во Струга започна во 2020 година. Во земјава потребни се подобри услови за спорт и рекреација на лицата со попреченост. Се предлага задолжително воведување на инклузивна/ приспособена физичка активност и спортување во образовниот процес.
Соња Рилковска
