Куманово: Државна зграда, узурпирана од партии
Зграда сместена во самиот центар на Куманово, со децении узурпирана од политички партии. Поранешен Комитет на хартија е во сопственост на државата. Била отстапена на користење на општината, но прием не бил направен. Просториите се користат без надомест, а на приземјето има и правни субјекти…

Сместена во центарот на Куманово. Изградена во 1976-та година од повеќе организации. Денес узурпирана од речиси сите политички партии. Зградата на поранешен Комитет, на хартија е во сопственост на државата. Со одлука пред две децении била отстапена на користење на Општина Куманово. Но, документ нема. Повеќето простории без надомест ги користат политички партии. На приземјето се и приватни субјекти. Градоначалникот Димитриевски уверува дека тој нема дадено согласност на ниту едно лице сместено во објектот. Вели сакаме да го добиеме објектот кој е погоден за општинска администрација, бидејќи на две места плаќаме кирија. Но, тоа можеме да го направиме само доколку сите се согласат и излезат од објектот.
„Општина Куманово нема владеење врз овој објект. Кога некој ви го доделува носи одлука и ви го предава, тогаш се потпишува прием на објектот. Така ги зедовме сите поранешни спортски објекти. Дојдоа од Агенција за стопанисување со спортски објекти и потпишаа документ за примопредавање. Општината никогаш го нема задолжено овој објект, нема таков документ“, вели градоначалникот Димитриевски.
Димитриевски појаснува дека не размислува за судски спор за овој објект бидејќи тоа е невозможно. Вели процесите се долги и скапи. Пред неколку години започнале постапка за отстранување на приватен субјект од подрумскиот дел и тоа сè уште трае.
„Сега општината да влезе во правна постапка со над 20 субјекти, и да заврши како со автопералната, тоа се 10 години водење постапки без реализација и на крајот со кого да излезете на крај? Со државата? Па таа не сака да се инволвира, партиите се државата, ја направија да биде државата во нивна функција“, вели тој.
Според анализите локалната самоуправа на годишно ниво од овој објект губи над 180.000 евра.
Елена Георгиевска
