Без квалитетна рурална инфраструктура нема опстанок на селата
Минатата и актуелнава битолска локална самоуправа во годишните планови за ревитализација и обновување на локалната патна мрежа сè повеќе акцент ставаат и на обновување на руралните патишта. Мештаните тоа го препознаваат, но апелираат за уште позабрзана динамика бидејќи без современа патна инфраструктура и другите пропратни современи услови, младите тешко ќе ги задржите да живеат на село…

Во напорите за опстанок на македонското село, неопходна е позасилена динамика во обновувањето и ревитализацијата на руралната патна инфраструктура како еден од неколкуте побитни елементи кои ги бара современиот живот. Без модерен пат нема надеж за враќање на животот во селото, или негов подолгорочен опстанок, велат мештаните.
Годишните планови на локалната самоуправа говорат дека разбирањето за ваквите проблеми е сè појасно. Оваа градежна сезона во пелагониските села ќе бидат вложени близу 80 милиони денари општински средства, со што ќе се обноват околу 12 километри патна инфраструктура.
Минатогодишната градежна сезона како продолжување на континуитетот од минатата локална самоуправа, се работеше во повеќе потпелистерски села за што беа потрошени над 60 милиони денари.
Градоначалникот на Битола, Коњановски вели дека и во следните градежни сезони руралните патишта ќе бидат опфатени бидејќи километражата е голема, ако се знае дека со над 60 селски населби, Битола е една од поголемите во тој домен.
Стевче Митревски
