Свет

Кина го зголемува воениот буџет

05.03.2023 12:04

Кинеските власти сè уште инсистираат на принципот „Една Кина“, според кој Тајван е дел од Кина. Во последните три години, Пекинг ја засили воената активност во близина на островот. Најавено е и зголемување на воениот буџет за 7,2 насто…

На годишниот Конгрес на Народната партија, кинескиот премиер Ли Кечијанг најави зголемување на трошоците, вклучувајќи ги и оние во одбраната. Пекинг годинава ќе распредели најмалку 224 милијарди долари за војската, што претставува зголемување за 7,2 отсто на досегашната сума. Со ова, Кина, покрај тоа што ја има најбројната војска, сега се позиционира на второто место на списокот со земји со најголем воен буџет на глобално ниво. Покрај финансиската поддршка, инсистираат и на подобра обука на армијата.

„Треба целосно да го спроведеме мислењето на претседателот Џинпинг за зајакнување на војската и воената стратегија за новата ера. Нашите вооружени сили, фокусирани на одбележувањето на стогодишнината од Народноослободителната армија во 2027 година, треба да се подготват за воени операции и да ја зајакнат борбената готовност“, изјави премиерот Ли Кечијанг.

Премиерот се залага за конструктивен развој на односите со Тајван, предложувајќи процес на т.н. „мирно обединување“, но и преземање на решителни чекори против независноста на островот, кој го смета за своја територија.

„Ние Кинезите на двете страни од Теснецот сме едно семејство, иста крв, и треба да ги подобриме економските и културолошките размени и соработки, но и да ги подобриме системите и политиките кои придонесуваат за добросостојбата на нашите тајвански сограѓани“, нагласи Кечијанг.

Владата на Тајван возврати – Кина мора да го почитува концептот на сувереност, демократија и слобода. „Прашањата треба да се решаваат прагматично, рационално и рамноправно, со меѓусебна почит“ – соопштија од тајванскиот Совет за односи со Кина. Според нив, ентитетите на двете страни од теснецот не се подредени еден на друг и Пекинг морал конечно да ја прифати таа реалност.

Маја С. Филдишев