„Кајмак“ ја освои наградата на специјалното жири на „Фантаспорто“ во Португалија
Македонската радио-телевизија е копродуцент на филмот „Кајмак“, којшто учествуваше и на белградскиот филмски фестивал „Фест“...

Филмот „Кајмак“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски ја освои наградата на специјалното жири на филмскиот фестивал „Фантаспорто“ 2023 во Португалија.
Филмот „Кајмак“ е снимен во 2021-та година во режија и сценарио на Милчо Манчевски, а главните улоги ги играат Ратка Радмановиќ, Камка Тоциновски, Благоја Чоревски, Сара Климоска, Петар Мирчевски, во копродукција на Данска, Холандија, Хрватска и Северна Македонија, својата премиера ја имаше на кино- фестивалот во октомври минатата година во Токио, Јапонија.
Ова филмско остварување досега собра рекорден број на филмски награди. Македонската радио-телевизија е копродуцент на филмот „Кајмак“, којшто учествуваше и на белградскиот филмски фестивал „Фест“.
Филмот, кој е црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството, беше најгледан филм во Македонија во 2022-ра.
