Руските сили напредуваат кон Бахмут
Британското министерство за одбрана соопшти дека два клучни моста во Бахмут се уништени во последните 36 часа, со што украинските рути за снабдување се сè поограничени. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги обиколи трупите во Бахмут, којшто е стратегиско место за целосна контрола на Донбас.

Руските сили напредуваат кон Бахмут, но градот е сè уште под украинска контрола, иако се водат улични борби. Засилено гранатирање е регистрирано и во регионот на Херсон. Британското министерство за одбрана соопшти дека два клучни моста во Бахмут се уништени во последните 36 часа, со што украинските рути за снабдување се сè поограничени. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги обиколи трупите во Бахмут, којшто е стратегиско место за целосна контрола на Донбас.
„Ние сметаме на вас. Ви честитам од се срце и се радувам на нови потфати и успеси што и се потребни на нашата земја“, изјави рускиот министер за одбрана, Шојгу.
Шефот на паравоената група „Вагнер“, Пригожин, чија единица е во првите редови на битката за Бахмут обвини дека не се доставува муниција навреме.
„Ако се повлечеме ќе бидеме запомнети во историјата како луѓе што го направиле чекорот кон неуспехот на фронтот и поразот во војната“, изјави Евгениј Пригожин, шеф на паравоената група „Вагнер“.
Во украинскиот град Буча една година по почетокот на војната поставен е споменик на цивилното население, врз кое, според Киев, се извршени злосторства од руските сили при повлекувањето.
„Страшно е, не можевме ни да замислиме колку. Татко ми еднаш ми кажа дека ќе поминат 200-300 години до следната голема војна. А гледаме дека не поминаа ни 100 по последната таква.“
„Ова е најтешката и најстрашната година во историјата на градов и на секое украинско семејство. Немам зборови да ги опишам болката и тагата.“
Билборди со врвните полски политичари се поставени низ Киев во знак на благодарност. Полскиот премиер Моравјецки беше меѓу првите странски политичари кои дојдоа во Украина само неколку недели по почетокот на војната.
„Пријатно сме изненадени од поддршката на Полска уште од првиот ден, благодарен сум што водат на страната на ЕУ во однос на помошта за Украина.“
„Лидерската посета на Украина не охрабри зашто дојдоа и помогнаа. Беа со нас цело време и ни дадоа морална поддршка, бидејќи не сме сами.“
ЕУ формираше посебен суд за извршени воени злосторства од руските сили во Украина. Шефицата на Европската комисија, Фон Дер Лајен изјави дека ќе направат сè што е потребно сторителите на злосторствата да бидат изведени пред лицето на правдата.
Ирина Гелевска
