Дуел на виолината и виолата со Македонската филхармонија
Во придружба на Македонската филхармонија, а под искусната рака на диригентот Емил Табаков од Бугарија, дуелот ќе се одржи на темелите на уникатната Симфонија кончертанте за виолина, виола и оркестар од Волфганг Амадеус Моцарт...

На 8-ми мај 2014 година македонската јавност ќе има можност да присуствува на вистински музички ДУЕЛ организиран од Македонската филхармонија.
Во новиот објект на Македонскиот народен театар, со почеток во 20:00 часот, своите музички сили ќе ги одмерат двајца великани на светската сцена: извонредниот млад виолинист Александар Ситковецки од Русија и можеби најдобриот виолист на денешницата, Максим Рисанов од Украина.
Во придружба на Македонската филхармонија, а под искусната рака на диригентот Емил Табаков од Бугарија, дуелот ќе се одржи на темелите на уникатната Симфонија кончертанте за виолина, виола и оркестар од Волфганг Амадеус Моцарт, која по долго време ќе прозвучи на македонската сцена.
Публиката ќе има можност да ужива и во звуците на Свитата од балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски, која претставува богатство на прекрасни лирски мелодии, иновативен хармонски јазик и раскошна фантазија.
Македонската филхармонија го најавува и следниот концерт кој ќе се одржи на 15 Мај во Универзалната сала на кој ќе биде изведена уникатна португалска ФАДО музика заедно со еден од најпознатите претставници на стилот- Камане и неговиот трочлен бенд.