Мерки и протоколи за училиштата
Безбедносниот протокол останува строго доверлив документ. Директорите и наставниците добиле нови насоки како да менаџираат доколку пристигнат дојави за бомби. Утрински проверки, а покрај приватното обезбедување и полицијата ќе ги чува училиштата…

Со новиот протокол директорите и наставниците добиле нови насоки како да се справуваат доколку пристигнат вакви закани. Сè уште се непотврдени информациите, за задолжителните проверки во училиштата, за тоа дека покрај училишното обезбедување и полицијата треба да ги обезбедува училиштата. Родителите можат да влезат во училиштето само со одобрение од обезбедувањето, а со претходна најава кај наставничката. Протоколот е доверлив документ и е резултат на состанокот на премиерот Ковачевски со министрите за внатрешни работи и за образование, Спасовски и Шаќири и директорот на Бирото за јавна безбедност, Тасевски.
Според професорот од факултетот за безбедност, Злате Димовски, земјава сè уште не нашла соодветен модалитет. Во интервју за Радио Слободна Европа вели дека додека не се направи тоа, ќе има зачестени дојави за бомби.
Но, училиштата не се единствената мета на дојавувачите. Повеќе институции веќе добија заканувачки електронски пораки, меѓу нив и претседателот на државава Пендаровски.
Професорот вели дека целта на оние што го прават ова е добивање на повеќе гласност и постигнување ефект на страв.
Катерина Топалова
