Свет

Највисокото политичко советодавно тело на Кина ја започна годишната седница

05.03.2023 16:00

За време на седниците, политичките советници ќе ги разгледаат извештаите за работата на Постојаниот комитет, како и извештаите за работата на Националниот Комитет. Политичките советници ќе бидат присутни и на првата сесија на Национален Народен Конгрес како учесници без право на глас, но ќе имаат можност да дискутираат за извештаите за работа, вклучително и извештајот за работата на кинеската Влада...

Највисокото политичко советодавно тело на Кина ја започна својата годишна сесија во саботата, означувајќи го почетокот на големите политички собири во земјата, насловени како „Две сесии“.

Кинескиот Претседател Ши Џинпинг, како и останатиот дел од кинескиот државен врв присуствуваа на отворањето на првата сесија на 14-тиот Национален комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција, која се одржа во Народната Голема сала во Пекинг, имено Националниот комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција го претставува врховното  политичко советодавно тело во земјата.

За време на седниците, политичките советници ќе ги разгледаат извештаите за работата на Постојаниот комитет, како и извештаите за работата на Националниот Комитет. Политичките советници ќе бидат присутни и на првата сесија на Национален Народен Конгрес како учесници без право на глас, но ќе имаат можност да дискутираат за извештаите за работа, вклучително и извештајот за работата на кинеската Влада.

Амандманот на повелбата, како и политичката резолуција на Националниот Комитет, беа разгледани и усвоени за време на првата седница, а исто така на дневен ред е и изборот на ново раководство за највисокото советодавно тело.

Членовите на 14-тиот Национален комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција се од сите 56 етнички заедници во Кина, а 60,8 отсто од нив не се членови на Комунистичката партија на Кина. Советодавното тело е важен орган за повеќепартиска соработка во земјата, особено во делот на политичките консултации, предводени од Комунистичката парија на Народна Република Кина.

Во наредните денови, нешто помалку од 3.000 пратеници на Националниот Народен конгрес на Народна Република Кина и околу 2.000 членови на Националниот комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција, ќе изготват голем план за подмладување на кинеската нација на сите фронтови преку зацртаниот кинески пат за модернизација на земјата, со кој ќе се даде нов придонес во реализацијата на целите и задачите поставени пред Национален Народен Конгрес на Кинеската комунистичка партија.

 

Од Пекинг известува Диме Ратајкоски