Почина бебето со туберкулоза, семејството со потпис ја напуштило болницата
Не се избори во битката со болеста. Деветмесечното бебе почина од туберкулоза на Детската клиника во Скопје. Блиските од семејството ја напуштиле болницата. Епидемиологот Даниловски порачува, за болеста има вакцина, но не се шири лесно…

Почина деветмесечното бебе кое тежеше само три килограми и на 24-ти февруари од Куманово беше донесено во скопската Детска клиника во тешка состојба. По приемот на клиниката, каде што беше префрлено од болницата во Козле, беше приклучено на механичка вентилација. Бебето беше примено со белодробна слабост, по што се утврди дека ја има заразната болест туберкулоза.
Откако се утврди дека бебето боледува од туберкулоза, неговата мајка повторно беше хоспитализирана, а нејзините три други малолетни деца беа повикани во болницата во Козле за да им се направат епидемиолошки испитувања, за да се утврди дали и тие имаат туберкулоза. Потоа, од Институтот во Козле информираа дека според првичните тестирања и другите членови на семејството се инфицирани од туберкулоза. Таткото по веста дека бебето починало со неговите три деца своеволно ја напуштил детската болница „Козле“.
„Таткото и другите три деца беа примени во Козле во петокот за доиследување, во добра општа состојба и со уреден наод на белите дробови, вчера со потпис си заминаа, од кога му кажаа на таткото дека бебето починало. Треба да се вратат утре, па повеќе за нив дали се само инфицирани или болни ќе знаеме во наредните денови, преку анализа на искашлоци“, велат од Институтот за белодробни заболувања.
Епидемиологот Даниловски за МТВ објаснува дека постои латентна и активна туберкулоза. Според него, заразноста постои само кога болеста е клинички активна, но дека нема потреба од паника.
Во земјава вакцинацијата за туберкулоза е задолжителна во календарот за редовна имунизација и се аплицира уште од првите 24 часа од раѓањето до 12-иот месец. Во болницата во Козле велат дека за двата месеци од годинава од болеста заболеле пет деца, лани девет.
Ана Јосифоска Тодоровска
