Осмомартовски марш во Прилеп
Да се изборат против говорот на омразата, против фемицидот. Жените политичари од СДСМ го трасираа патот на земјата кон Европската унија, порача во Прилеп Ковачевски. Ова се политички екскурзии кои ги плаќа осиромашениот народ, му возвратија жените од ВМРО-ДПМНЕ…

Осмомартовски марш за одбележување на историскиот ден, но и повик за акција-жените без оглед на разликите да се изборат за еднаквоста и да му стават крај на говорот на омраза, на сите видови насилство, на фемицидот, беа само дел од пораките кои социјалдемократките ги испратија од Прилеп.
Претседателот на СДСМ, Ковачевски потсетувајќи на сите позитивни законски решенија кои претходните влади на оваа партија ги донеле, рече дека ќе продолжи унапредувањето на правата на жените до целосна еднаквост. Поранешни политичарки, министерки, пратенички од оваа партија беа клучните фигури во трасирањето на патот на земјата кон ЕУ, што е огромна заслуга за земјата, додаде Ковачевски.
Претставничките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со негодување за неговото присуство на маршот. Од прилепскиот општински комитет на партијата велат дека тоа е лицемерно поради неговото непочитување на нивната пратеничка. Уште повеќе, велат, што во време на распаѓање на државата, Ковачевски организирал политички екскурзии кои веројатно ќе бидат платени од осиромашениот народ.
Во Прилеп, пред своите сопартијки говореа и претседателката на жените Тренчевска, потпретседателката Лукаревска и генералниот секретар, Зечевиќ со пораки дека еднакви и моќни жени се потреба на државата и на светот.
Фиљана Кока
