Трка со коњи за Ѓурѓовден во Василево

06.05.2014 14:54

Меѓу многубројните спортски активности по повод Ѓурѓовден, најинтересна беше трката со коњи која традиционално се одржува во Василево. Годинава најбрз беше Сулејман Дервишов, кој заслугата му ја припишува на својот коњ Чако...

Не се расни, но се брзи, не се професионалци, но знаат како да галопираат со нив. Триесетина јавачи од струмичко заедно со нивните коњи учествуваа на шестите по ред Гурговденски коњски трки во Василево. Меѓу нив најбрз беше Сулјеман Дермишев од Иловица со неговиот коњ Чако.

„Мислам дека и другата година пак ќе сум победник. Рецептот е до коњот, не е до мене“, вели Сулјеман Дермишев, победник на Ѓурговденските коњски трки во Василево.

Организаторот на трките вели дека од година до година им се зголемува бројот на учесниците. Сите го чекаат Ѓурговден за на мегдан да ги извадат своите животни. Куриозитет годинава беа и кочиите кои продефилираа низ селото.

„Конкуренцијата беше интересна, зашто од секаде имаме коњи. И секоја година бројот се зголемува и излегуваат се подобри коњи. И мислам дека традицијата ќе продолжи“, вели Добре Митев- организатор на Коњските трки во Василево.

Спортски активности во чест на Ѓурговден со одржуваат низ повеќе села во струмичко. Од пеливанско борење до влечење дрвени трупци.

Катерина Давчева