Град Скопје објави јавен повик за превозници на 16 линии
Станува збор за линии на кои на повеќето до пред четири месеци возеа само превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а по нивниот протест и откако им беа прекинати договорите поради неизвршување на обврските, нив ги „покриваше“ ЈСП Скопје...

Град Скопје, денеска објави нов јавен повик со кои се бараат превозници на дури 16 линии. Линиите се поделени во три пакети, за кои се наведени и минималните потребни техничко – технолошки елементи за одржување на линиите.
Според огласот, во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.
Станува збор за линии на кои на повеќето до пред четири месеци возеа само превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а по нивниот протест и откако им беа прекинати договорите поради неизвршување на обврските, нив ги „покриваше“ ЈСП Скопје. Сега, според објавениот оглас и во наредниот период по изборот на превозниците само на дел од овие линии ќе сообраќаат заеднички и приватниците и ЈСП и тоа, како што е наведено на линиите 9, 19, 22, 62, 61 и 63, додека на останатите 10 линии од огласот ќе возат само приватниците што ќе бидат избрани на огласот.
