Подобра инфраструктура и помалку бирократија за поголема трговија со Косово
Извозот на македонски производи на Косово лани се намалил за дури 38% во споредба со 2012-та година.
Најголем пад има кај извозот на нафтените деривати, металната и прехранбената индустрија. Алармот е вклучен кај стопанските комори на двете земји при што на денешната средба во Скопје е одлучено размена на претставници од коморите со цел да се зголеми трговската размена.
„Она што ќе го побараме од владите е подобрување на инфраструктурата кон границата со Косово, односно од косовската страна према Македонија, понатаму гасификацијата која што е многу важен фактор и ги засега двете држави, сите ги знаеме проблемите коишто можат да настанат со ситуацијата во Украина“, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
„Првиот чекор што треба да се направи е како да се надимнат бирократските процедури бидејќи неприфатливо е од Приштина до Скопје за четири часа да се патува. Време е да учиме од Европа и да имаме интегрирано менаџирање на границите. Потребни се и инвестиции во инфраструктурата, бидејќи без нив не може да има економска соработка“, истакна Сафет Герџалиу, претседател на Стопанската комора на Косово.
