Во Калифорнија прогласена вонредна состојба поради снежна бура
Снежна бура ја погоди Калифорнија. Се затвораат скијачки центри. Блокирани се планински премини и патишта. Десетици илјади Американци се без струја и вода...

Во северниот и централниот дел на Калифорнија прогласена вонредна состојба поради снежните наноси. Спасувачките екипи работат деноноќно, да им пристапат до заедниците во планинските региони отсечени од останатиот дел. Надлежните проценуваат дека ќе биде потребно повеќе од една недела да се стигне до некои области. Над 75.000 жители се без струја.
Покрај проблемите со снегот и ниските температури, граѓаните се соочуваат и со недостиг на храна. Планинските премини во северниот дел се веќе затворени. Блокирани се и повеќе автопатишта во близина на Езерото Тахо и границата со Невада. Поради невремето беа затворени и три скијачки центри во регионот. Снежната бура е последната од серијата која ја погоди Калифорнија периодов. Оттаму се прогнозира дека овој систем ќе се упати кон Карпестите планини и Големите езера.
„Снегот постојано се трупа, а дрвово почна да се навалува сè повеќе. И, на крајот, падна, а со него и електричните кабли“, вели жител на регионот.
„Родителите немаат струја ни вода. Немаат ни пристап до интернет. Ништо. Службите постојано ни кажуваат да го вклучиме интернетот, но како да го направиме тоа ако немаме струја?“, додава друг.
„Клучно е да се надополни кадарот. Подготвеноста е клучна за нас. Потребни се и посебна опрема и ресурси според она што го гледаме во прогнозата“, вели друг жител на Калифорнија.
Невреме и вонредна состојба и во други делови од САД. Речиси половина милион Американци од Кентаки до Мичиген се соочуваат со недостиг од електрична енергија. Снежни наноси и на североисточниот брег. Јужниот дел на САД се справува со торнада и бури. Во временските неприлики има и жртви. Смртни случаи се веќе пријавени на повеќе места, вклучувајќи ги и Кентаки, Алабама и Арканзас.
Маја С. Филдишев
