Украина

Борбите во Бахмут продолжуваат, рускиот министер Шојгу трет ден во Украина

06.03.2023 12:29

Бахмут останува најжешкото жариште во Украина. Градот стана симбол во борбата за контрола на индустрискиот регион. Нападите не прекинуваат. Украинската војска под зголемен притисок. Руската платеничка група „Вагнер“ се закани дека ќе ги напуштат позициите околу градот доколку неговите трупи не добијат муниција. Рускиот министер за одбрана Шојгу веќе трет ден во Украина...

Сирени за воздушна опасност во Украина. Се разгоруваат борбите во Доњецкиот регион. Руски офанзивни напади регистрирани во Купјанск, Лиман, Бахмут, Авдивка и Шахтарск. Најжестоко жариште останува Бахмут. Градот опколен од руските сили, а украинската војска под зголемен притисок. Тврди дека во последните 24 часа одбила 95 руски напади. Зеленски испраќа елитни единици. Изјави дека битката за Бахмут е болна и тешка.

„Ситуацијата е напната, се гранатира, патот и мостот се уништени, па мораме да заобиколуваме“, рече украински војник.

„Ова се руските ровови и од таму може да се види дека се обидуваат да дојдат и да го пресечат патот“, вели украински војник.

„Мораме да се одржиме, по секоја цена.“

Украинската војска можно е да организира ограничено повлекување на своите сили од Бахмут, пишува во најновиот извештај на Институтот за проучување на војната.

„Руските сили е малку веројатно во брзо време да направат значајни територијални освојувања кога се води урбана борба, во која вообичаено бранителот има предност, и може да им направи големи загуби на руските сили при напредувањето“, се наведува во извештајот на Институтот за проучување на војната.

Според странските разузнавачи, ваквиот чекор на Киев е со цел да ги уништи стратешките мостови во близина на градот и да го отежни продирањето на русите. Во меѓувреме, шефот на руската платеничка група „Вагнер“ изјави дека руските позиции околу градот ќе бидат сериозно загрозени ако неговите трупи не добијат муниција. Градот стана симбол на борбата за контрола на индустрискиот регион. Русија го анектираше без да преземе целосна контрола врз областа.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу веќе трет ден е во посета на окупираните територии на Украина и Мариупол, во контрола на објектите во изградба. Во меѓувреме, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе има „последици“ доколку Кина испрати оружје во Русија.

 

Бојана Крстевски