Најздравиот зачин куркума и неговите придобивки
Главната активна состојка на куркумата-куркуминот има моќни анти-инфламаторни и антиоксидантни ефекти...

Куркумата е главна состојка на познатиот кари зачин, кој е сè повеќе и повеќе популарен поради убавиот вкус, но и поради многуте лековити својства кои ги поседува. Главната активна состојка на куркумата-куркуминот има моќни анти-инфламаторни и антиоксидантни ефекти.
Но, мора да се има предвид дека содржината на куркуминот во куркумата е само 3% од нејзината тежина. Исто така куркуминот од куркумата, многу малку се апсорбира од дигестивниот тракт во крвта. Скоро е невозможно да ги добиеме придобивките од куркумата ако ја консумираме како едноставен зачин во салатата.
Куркуминот е пред сè моќен анти-инфламаторен агенс, тој врши инхибиција и блокада на многу медијатори во инфламаторниот процес со што се спречува инфламацијата во телото. Куркуминот исто така е моќен антиоксидантен агенс кој успешно се бори против слободните радикали во телото.
Може многу да помогне и во третман и превенција на кардиоваскуларни заболувања. Имено најзначаен ефект кој го има куркуминот кога се во прашање срцеви болести е моќта да ја подобрува функцијата на ендотелот на крвните садови, а ендотелната дисфункција е една од причините за појава на висок крвен притисок, аритмии и тромбоза.
Ако се користи како зачин куркумата е безбедна и не се познати несакани ефекти. Сепак доколку се земаат суплементи на база на куркумин тоа треба да биде во консултација со доктор или фармацевт затоа што можна е појава на несакани ефекти од типот на гадење, повраќање, абнормален срцев ритам и сл.
Исто така куркуминот, од куркумата може да предизвика и намалување на нивото на гликоза во крвта што е значајно за дијабетичари кои се на инсулинска терапија затоа што постои ризик од појава на хипогликемија. Може да ја спречи и апсорпцијата на железото и затоа суплементи со куркумин не се препорачуваат кај луѓе кои имаат дефицит на железо.
