Извештаите испратени до УНЕСКО се нереални, истакнаа еколозите
Македонската и албанската Влада, не испратија реални извештаи до УНЕСКО за состојбата со културното и природното наследство во Охридскиот регион. Воедно тие не нудат решенија за надминување на постојните проблеми, ова на денешната прес-конференција го истакнаа еколозите од земјава и соседна Албанија, тие посочија дека по разгледувањето на извештаите во септември охридскиот регион најверојатно ќе се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО...

Извештаите на македонската и албанската Влада, за состојбата со културното и природното наследство во Охридскиот регион, како и за реализираните препораки испратени до УНЕСКО, според мислењето на претставници на 17 невладини организации од Охрид, Струга и Поградец-Албанија не се точни од многу аспекти и не кореспондираат со реалната состојба на терен. Особено тоа се однесува на урбанизацијата и загадувањето на езерото.
„Редовно се поднесуваат извештаи коишто само го затскриваат проблемот и го ставаат ѓубрето под тепих. Значи крајно време е да ги решаваме проблемите и да ги прикажуваме ситуациите реални какви што се“, изјави Никола Киселинов-невладина организација од Охрид.
„Ситуацијата е хаотична. Во таа ситуација страдаат хотелиерите, страдаат и обичните граѓани, значи сите страдаме и екосистемот“, изјави Блерим Положани-невладина организација од Струга.
Од 19 препораки на УНЕСКО досега се реализирани само 4 и тоа нецелосно, велат од невладиниот сектор.
„Се срамам на моменти кога ние доаѓаме во ситуација да треба да чекаме експерти од УНЕСКО да треба да ни кажат што треба да правиме на најстарото езеро во Европа и во светот. Зарем толку имаме еден грам капацитет да не можеме да го заштитиме езерото“, рече Сашо Кироски-невладина организација од Охрид.
„Ние пуштивме писмо до албанската и македонската Влада да знаеме што е планот и што презентира планот, никој не одговори. И сега мислам како може да имплементираме некој план кога не знаеме кој е планот“, изјави Аријан Мероли-мрежа на невладини организации од Македонија и Албанија.
Некои претставници од невладиниот сектор сметаат дека е можеби подобро Охридскиот регион да се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО, бидејќи на тој начин ќе има постојан и построг мониторинг, но и рокови при спроведувањето на препораките. Тоа е единствениот начин да се излезе од лавиринтот во кој се наоѓаме со децении.
Сашо Нелоски
