Министерот Алиу се обрати на конференцијата: „Жените и дигитализацијата – надминување на бариерите, отворање можности за унапредување на родовата еднаквост“
Министерот Алиу рече дека останува заложбата за професионална и ефикасна јавна администрација, поддржана со интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники...

„Силно се залагаме за примена на дигиталната трансформација како можност да се вклучат поголем број жени во претприемништвото, да се создадат услуги и услови, за жените да имаат исти можности како и мажите. Посебен акцент ќе биде ставен на лидерството како клучен фактор во овие трансформации, во насока на целосна и еднаква застапеност на жените на сите нивоа и во сите области“.
Ова меѓу другото го истакна министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во денешното воведно обраќање на конференцијата тема „Жените и дигитализацијата – надминување на бариерите, отворање можности за унапредување на родовата еднаквост“, во организација на агенциите на Обединетите Нации UN Women и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).
Министерот Алиу рече дека останува заложбата за професионална и ефикасна јавна администрација, поддржана со интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники.
Оттука, во завршна фаза е подготовката на Националната ИКТ Стратегија 2023-2027, чијашто цел меѓу другото е да се достигне просекот на ЕУ земјите во однос на развојот на дигитално општество и економија, водејќи се од стратешките определби на Дигиталниот компас на Европската Унија во оваа дигитална декада.
Според него, базирано на податоците кои на годишно ниво се објавуваат во Извештаите од Регистарот за вработени во јавниот сектор, важно е да се спомене е дека жените се позастапени во сите институции, а во проценти соодносот е околу 56% жени и 44% мажи.
Во однос на активностите на МИОА, Алиу го истакна Системот за управување со учење, преку кое вработените во институциите можат да следат е-обуки во секое време, потоа изработката на два модула за електронско учење (основен и напреден) наменети за зајакнување на знаењата на вработените во администрацијата за прашања од областа на родовата еднаквост-во соработка со Министерството за труд и социјална политика со поддршка на UN Women, како и соработката со Министерството за образование и наука во насока на поттикнување и поддршка на девојките да се запишат на факултетите за електротехника и информациски технологии.
