Со меѓугранична соработка до поголем развој
Со меѓуграничната соработка со Република Бугарија, придонесуваме за реализација на проекти за туризмот, културата, но и развој на регионите, истакна министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов кој потпиша договори за соработка помеѓу Куманово со Ќустендил и Банско. Министерот укажа дека преку ваквите проекти досега се инвестирани над 40 милиони евра...

Преку програмата за меѓугранична соработка со Република Бугарија во земјава се искористени над 40 милиони евра, истакна министерот за локална самоуправа Пенов, оценувајќи дека ваквите проекти придонесуваат за развој на регионите. Тој посочи дека успешно се реализирани речиси 180 проекти во област на туризмот и културата. Бенефит вели имаат граѓаните.
„Ние потпишавме и од јуни започнува имплементација на ИПА 3 проектот, каде нови 30 милиони ќе бидат имплементирани што е можност и за Општина Куманово да аплицира и добие добар дел од овие пари и да направи проекти, кои ќе бидат во интерес на граѓаните на Куманово“, истакна министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
Пенов заедно со кумановскиот градоначалник и директорот на Фондацијата за култура и спорт, потпишаа договори за проекти за прекугранична соработка со Бугарија. Општината ќе соработува на проект за подобрување на туристичкиот потенцијал со Ќустендил и за визуелни уметности и за промоција на културниот идентитет со општина Банско.
„Верувам дека ресорното министерство ќе ги искористи своите позиции да обезбеди поголеми средства во делот на регионалниот развој во државата со аспект дека Куманово се наоѓа во североисточниот плански регион, еден од најзаостанатите или најнеразвиени региони“, истакна кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Во Куманово преку соработка со министерството се реализираат и проекти за реконструкцијата на противпожарната единица, набавка на возила и опрема, контејнери приспособени и за лицата со попреченост, три градежни машини, а започната е и реконструкција на дел од спортската сала.
Елена Георгиевска
