Безбедност

Училиштата од денеска со нов протокол и упатства во случај на дојава за бомба

06.03.2023 14:38

Полициски патроли во училиштата, нови протоколи за постапување во случај на дојави за поставени бомби. Антитерористичките проверки ќе се вршат, а наставата нема да се прекинува. Министерот Спасовски вели дека заканите за поставени експлозивни направи доаѓаат од виртуелни приватни мрежи од Русија и Иран, а заканувачите ги плаќаат услугите со криптовалути, што го отежнува пронаоѓањето на сторителите...

Почна примената на новите упатства по кои ќе се постапува во случај да има реална закана од поставена бомба. Училиштата и градинките веќе добија насоки за што дополнително ќе треба да ги информираат родителите. Целта е наставата да се одвива непречено. Министерот Спасовски открива дека заканите за бомби водат кон виртуелни приватни мрежи во Русија и Иран, а заканувачите ги плаќале услугите со криптовалути, што дополнително го отежнува пронаоѓањето на сторителите. МВР има сознанија дека и луѓе од земјава стојат зад дојавите.

Со новите протоколи ќе се обезбеди поголема контрола на целиот процес, ќе се олесни работата и на училиштата, но и на полициските службеници, оценува професорот Дујовски.

Во изминатите 5 месеци над 500 објекти беа мета на лажни дојави за бомби. МВР досега откри три случаи. Минатата недела училиштата се префрлија на онлајн настава поради секојдневните закани за поставени експлозивни направи.

 

 

 

Викторија Милевска