Арсовска: Долгот кон превозниците е од недостасани обврски
Потенцијалните компании очекуваат наскоро нивните автобуси да се вратат на скопските улици. Нема да учествуваат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ поради раскинатиот договор. Градоначалничката најавува голема реформа во јавниот превоз...

Приватните автобуски превозници ќе се вратат во јавниот превоз. Распишан нов повик за приватни автобуски линии. Ги содржи условите за аплицирање како и во претходните два. Поднесувањето на пријавите е до 21 март. На новиот оглас нема да можат да се пријават здруженијата „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, туку приватниците ќе можат да аплицираат како индивидуални превозници или, пак, здружени во нови правни субјекти.
Според градоначалничката Арсовска, долгот кон превозниците е од недостасани обврски, кои ќе се плаќаат тековно, а блокадите рече дека биле од лични и политички мотиви.
Градоначалничката најави дека со заеднички напори ќе се трудат да се обнови застарениот дел од возниот парк и кај приватниците за што веќе формирале работни тимови, кои ќе бараат решенија за сите предизвици. Најави голема реформа на јавниот превоз чија цел, како што посочи, ќе биде целосно приспособување на екостандардите.
Ана Јосифоска Тодоровска
