Конференција за родова еднаквост

Спасовски: Објективен и проверлив прогрес на застапеност на жената во полицискиот систем

06.03.2023 16:03

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со свое обраќање беше дел од Конференција во организација на Министерството за труд и социјална политика во рамки на караванот за родова еднаквост...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со свое обраќање беше дел од Конференција во организација на Министерството за труд и социјална политика во рамки на караванот за родова еднаквост на тема „Униформа, оклоп кој значи ранливост - нашата секојдневна борба на два фронта“, што се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје.

Спасовски истакна дека во однос на принципот на застапеност на жената во полицискиот систем на Министерството за внатрешни работи, направен е објективен и проверлив прогрес.

„Напредокот на имплементацијата од овој аспект секогаш може и треба да биде подинамичен, особено ако се има предвид дека се креирани сите потребни нормативни и професионални претпоставки. Токму во поглед на родовата рамноправност и правичната застапеност, во последниве неколку години многу работи придвиживме во Министерството за внатрешни работи. Од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на Бирото за јавна безбедност - имаме колешки кои се раководителки на Оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија. Денеска можеме да се пофалиме со жени кои се вклучени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека продолжува вложувањето во задоволна полиција и во 2023 година.