Традиција од 19 век: Свечена литија во Струга за Ѓурѓовден

06.05.2014 15:33

Моштите на свети Ѓорѓија Победоносец и неговата чудотворна икона денеска ќе ја благословат Струга, со одбележувањето на црковната манифестацијата што традиционално се одржува во овој град на вториот ден од празникот Ѓурѓовден. Оваа литија е единствена ваква манифестација во нашата држава...

Илјадници православни верници секоја година се дел од свечената литија со моштите на свети Ѓорѓија Победоносец, која на втор ден Ѓурѓовден традиционално се одржува во Струга. Познавачите на историјата на Струга велат дека оваа литија се одржува традиционално од 19 век и е единствена од ваков вид во Македонија.

„Ми е пренесено дека ордијата постанала по повод осветувањето на црквата Св.Ѓорѓија кое е извршено на вториот ден Ѓурѓовден. Од тогаш наваму се врши литургија на 7 Мај ,а попладне се служи вечерна служба со парастос на сите градители и на сите свештеници што починале им се спомнуваат иимињата во црквата“, вели Отец Темелко Донески.

Иконата на свети Ѓорѓија која е насликана од Јован Зографски во 1267 година е најстарата икона од овој светец во Македонија, а се вбројува и меѓу седумте икони од 13 век пронајдени во македонски храмови.

„Во поново време како што реков од 90-та година, а сега уште поново и 5-6 години заедно со братството од манастирот Св.Јован Бигорски и од сестринството од манастирот Св.Ѓорѓија Рајчица, ги носат моштите од Св.Ѓорѓија овде во Струга и заедно со нив и со многу народ излегуваме од храмот со еден или двајца владици“, додаде Отецот  Темелко Донески.

Моштите на свети Ѓорѓија Победоносец се донесени во Македонија во 2003 година од Светогорскиот скит Kавсокаливија, преку архимандрит Епифаниј од Атина.

Му биле подарени на архимандрит Партениј, по што се сместени во манастирот  „Св. Ѓорѓија Победоносец“ во село Рајчица во Дебар, кој е метох на манастирот „Св. Јован Бигорски“. Моштите се познати и по своето чудотворство и исцелителност.

 

Јованчо Наумоски