Скопје

Се преземаат мерки за расчистување на двојното убиство во Старата скопска чаршија

07.03.2023 12:36

Пет лица облечени во црна облека со качулки, од огнено оружје стрелале кон две лица во кафуле. Ги убиле на самото место. Телата се дадени на обдукција. Засега нема информации за напаѓачите. МВР преземаат мерки за расчистување на случајот...

Под клуч и во тишина осамна изутрината кафулето каде што се случи двократното убиство. Улицата „Самоилова“ под скопското Кале проодна за сообраќај. Ништо не наговестува дека тука се случи вооружен инцидент. Петчлена група, сите облечени во црна облека и маскирани со фантомки преку лицата влегле во кафулето и од огнено оружје испукале куршуми кон двајца од гостите. Од МВР информираат дека жртвите починале на самото место, а во инцидентот бил повреден уште еден гостин кој бил пренесен во градската општа болница „Наум Охридски'. Телата на починатите се предадени на обдукција.

Од скопската полиција информираат дека пукотницата се случила во понеделникот околу 20 часот, но не се соопштуваат детали од истрагата.

Сторителите по убиството избегале, а кратко време потоа полицијата пронашла опожарено возило, за кое истражува дали е поврзано со настанот.

„Околу 20.30 часот било опожарено возило „ауди А6“ на патот кон Горно Оризари. По насоки од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на убиството“, се наведува во соопштението од МВР.

 

Анита Димитријевска Велковска