Засилување на украинските сили во Бахмут, градот речиси целосно разурнат
Бахмут под постојан артилериски оган, речиси целосно разурнат. Гранатирање и во регионот на Доњецк и околните села. Зеленски вели – земјата ќе продолжи да се брани. Смени во безбедносните и тајните служби во Украина. Рускиот министер за одбрана најави дека операцијата за заземање на украински Бахмут продолжува...

Бахмут е речиси целосно разурнат и под постојан артилериски оган. Интензивното руско гранатирање е регистрирано во регионот на Доњецк и околните села. Украинските војници се спротивставуваат на руските напади и не дозволуваат Москва да го зададе последниот удар што ќе им овозможи да го заземат градот.
„Тие не бројат загуби, ниту персонал, ниту воени возила. Бахмут не е само град, тоа е симбол, тврдина. Неприфатливо е да им ги дадеме нашите градови и села. Затоа ќе стоиме на своето, ќе се браниме и ќе ги следиме сите наредби на врховниот командант“, изјави „Полтава“, командант на тенковска чета.
Аналитичарите велат дека Бахмут нема голема стратегиска вредност и малку веројатно е дека неговото заземање ќе послужи како пресвртница во конфликтот. Украинскиот претседател изјави: земјата ќе продолжи да се брани. Во меѓувреме, смени во безбедносните и тајните служби во Украина.
„Му реков на главниот командант да најде соодветни сили за да им помогне на момчињата во Бахмут. Окупаторот убива само поради фактот дека сме Украинци. И ние го уништуваме окупаторот насекаде. Бахмут даде и дава еден од најголемите резултати за време на оваа војна, во текот на целата битка за Донбас“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Поддршката на режимот во Киев од страна на земјите на НАТО не води кон успех на украинските војници на бојното поле, вели рускиот министер за одбрана. Најави дека операцијата за заземање на украински Бахмут продолжува.
„Ослободувањето на Бахмут продолжува. Овој град е важен одбранбен центар за украинските војници во Донбас. Преземањето под контрола ќе овозможи натамошни офанзивни дејства длабоко во одбраната на украинските вооружени сили“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.
Руските сили го интензивираат гранатирањето и во североисточниот регион Харков. Купијанск се наоѓа на околу 30 километри од руската граница и се соочува со постојани воздушни напади. Властите решија да го евакуираат цивилното население.
„Ситуацијата е тешка, гранатирањето е засилено во последните две недели со сето расположливо оружје што го имаат терористите. Работиме со регионалната воена управа во Харков, со регионалниот координативен центар на механизмот за евакуација на луѓето“, изјави Андриј Беседин, началник на воената управа на округот Купијанск.
Новиот кинески министер за надворешни работи го потврди пријателство меѓу Кина и Русија. Според Чин Ганг конфликтот во Украина се чини е поттикнат од невидлива рака во служба на одредени геополитички агенди.
Маријана Димовска
