Синдикатите во Франција на масовни демонстрации против пензиските реформи
Француските синдикати веќе најавија рекордна мобилизација, очекувајќи над два милиони демонстранти ширум Франција на протестите против реформата на пензискиот систем, шести по ред. Но според синдикатите денешната мобилизација означува „нова фаза“ на социјалното движење со една цел „Франција во застој“...

За многу деца денес нема училиште или менза, за многу родители организацијата е следната:
„Штрајкувам и така ќе се грижам за децата.“
Синдикалистите ги делат последните летоци и се надеваат на мобилизација на приватниот сектор за да бидат побројни, а се очекуваат повеќе професии да прекинат со работа.
„Многумина од малите претпријатија ни се јавуваат како да се организираат и да го најават штрајкот, луѓе кои никогаш не штрајкувале, особено во трговијата.“
Професионалните возачи кои беа отсутни претходните демонстрации, спроведуваат акции, како оваа на кружниот тек во Руан, со блокирање на сообраќајот.
На железничките и метро станиците нема многу патници, бидејќи нема ни возови.
„Тешко е, но тоа е за добра кауза.“
На бензинските пумпи, започна да недостига гориво, а синдикатите започнаа со блокирање на испраќањето на гориво од рафинериите кон депоата, но не се исклучува прекин ан производство.
„Мислам дека движењето ќе се заостри и антиципирам, ова е за секој случај.“
„Шест дена на мобилизација, првите пет беа многу успешни со многу милиони луѓе на улица и бројни штрајкови. Парламентот и пред сè претседателот на Републиката кој не му посветува внимание на ревандикациите и ова е нова фаза со нова цел, да се запре земјата, со обновливи штрајкови во многу сектори“, изјави Филип Мартинез, од Синдикатот СГТ.
Најголемиот број од возовите останаа во депоата, нешто што може да се случи и утре и наредните денови. Тоа е потврда дека движењето се радикализира, а можни се и порадикални акции. А ако кон тоа се приклучи и незадоволството од зголемувањето на цените, се е можно.
Тони Гламчевски
