Фудбал – Куп на Македонија

Работнички или Металург?!

06.05.2014 15:42

Препознавајќи ја честа да играат во Куп финалето, во Работнички и Металург не ја кријат амбицијата да го освојат вредниот пехар. „Романтичарите“ станаа специјалисти за ова натпреварување, па во последните седум сезони петти пат ќе играат за трофејот којшто го освојуваа во 2008 и во 2009-та.

„Нормално е да влезеш во ваков натпревар со посебни мотиви затоа што само победникот ја испишува историјата и останува запаметен како освојувач на Купот. Со екипата на Металург добро се познаваме, нема што да криеме. Тие се екипа составена од искусни и млади фудбалери кои заедно со нас играат добар фудбал и очекувам така да биде и во финалето“, изјави тренерот на Работнички, Игор Ангеловски.

Иако е трет на табелата, Металург не се откажува од титулата, но сепак Купот и повторувањето на победничката 2011-та е во централниот фокус.

„Овие две екипи годинава заслужија да играат во финалето бидејќи елиминираа квалитетни тимови. Се надевам дека ќе победи фудбалот затоа што финалето на Купот е презник над празниците во секоја земја, па така и кај нас“, рече на прес конференцијата тренерот на Металург, Срѓан Захариевски.

Во трите дуели сезонава, откако беше 0:0 и 1:1, Металург го совлада Работнички со 2:1 и го забави во првенствената шампионска трка, но ова е еден нетпревар во којшто не важи традицијата..

„Спортски е да им се реваншираме на еден ваков куп натпревар и сите фудбалери се подготвени да дадат максимум“, оптимист беше капитенот на Работнички, Благоја Тодоровски.

„Очекувам секој од нашиот и од нивниот состав да даде максимум, да се претставиме пред цела македонска јавност во едно добро издание, да одиграме добар и квалитетен натпревар и подобриот нека победи. Се надевам дека ќе бидеме ние“, расположен беше капитенот на Металург, Миле Крстев.

Разбирливо, финалето од Купот на Македонија од „Арената Филип Втори“, меѓу Работнички и Металург ексклузивно на „Националниот сервис“, утре во 20 часот на МРТ1.