Македонија

Продолжуваат активностите за изградба на пругата кон Бугарија

07.03.2023 14:28

Фирмите на терен работат на изградбата на пругата кон Бугарија. Во кумановско се работи на над и подвозници, мостови на неколку локации. Надлежните најавуваат интензитетот на работа да се зголеми идниот месец. Очекуваат компаниите навреме да го завршат предвиденото...

Продолжуваат активностите за изградбата на пругата кон Бугарија. Фирмите на терен активно работат на над и подвозниците, мостови, стојалиштата. Надлежните од јавното претпријатие Железници инфраструктура информираат дека интензитетот на работа ќе се засили веќе наредниот месец. Појаснуваат дека паралелно се работи на различни видови активности, за да се стигне до фазата на поставување на горниот слој на пругата, која подразбира баласт, прагови и шини. Очекуваат дури и предвреме компаниите да го завршат предвиденото.

„Најголемиот предизвик е надвозникот кај Лопате и тоа е едно од најголемите решенија и најважни со кои ќе биде направена обиколницата околу Лопате за граѓаните од липковскиот крај, побезбедно и посигурно да стигнат кон Куманово и остатокот од државата“, вели Хари Локвенец, директор на ЈП Македонски железници инфраструктура.

Поради тековните активности сообраќајот на влезот во населбата „Перо Чичо“ се одвива на само една коловозна лента.

„Треба да се направи има потреба, многу ќе значи за државата, проток на стока, луѓе ќе има движење“, истакна еден кумановец.

„Сообраќајот е најважен, како воздушен, копнен, така и овој железнички сообраќај, но не ми се надевал дека ќе се заврши“, нагласува друг.

И од Железници инфраструктура дополнуваат дека активностите на терен засега се одвиваат во најдобар ред со месното население и Општина Куманово.

Праговите за изградбата на пругата кон Бугарија од 1994 година чекаат да бидат поставени. Изградбата почна но имаше неколку прекини. Последната активност пред новото активирање беше во јуни 2020-та година.

По пауза од две години лани, кон крајот на октомври продолжи изградбата на пругата кон Бугарија. Отпочнувањето на градбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, го поздравија премиерите на Македонија и Бугарија. Очекувањата се да се зголеми трговската и стокова размена меѓу земјите. Се гради со финансиска помош од ЕУ од над 200 милиони евра.

Елена Георгиевска