ОЈО издаде наредби по вчерашното двојно убиство, обезбедени снимки од видеонадзорот
Петчлена група, облечени во црна облека и маскирани со фантомки преку лицата влегле во кафулето, на улица „Самоилова“ под скопското Кале и од огнено оружје истрелале кон двајца од гостите. Надлежните информираат дека во текот на ноќта била обезбедена уште една локација каде било пронајдено опожарено возило. Истрагата ќе покаже дали е поврзано со инцидентот...

Под клуч и во тишина осамна изутрината кафулето каде што се случи двократното убиство. Улицата „Самоилова“ под скопското Кале проодна за сообраќај. Ништо не навестува дека тука се случи вооружен инцидент. Петчлена група, облечени во црна облека и маскирани со фантомки преку лицата влегле во кафулето и од огнено оружје истрелале кон двајца од гостите. Од МВР информираат дека жртвите починале на самото место, а во инцидентот бил повреден уште еден гостин кој бил пренесен во градската општа болница Наум Охридски. Телата на починатите се предадени на обдукција.
Во функција на истрагата се и снимките од видеонадзорот на кафулето и околните објекти, велат од обвинителството и дополнуваат дека покрај овие, веќе се обезбедени и снимки од системот „безбеден град“ коишто детално ќе бидат проверени.
„Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот“, стои во соопштението од обвинителството.
Истрагата треба да покаже кои биле мотивите за убиството.
Надлежните информираат дека во текот на ноќта била обезбедена уште една локација каде било пронајдено опожарено возило. Истрагата ќе покаже дали е поврзано со инцидентот.
„Околу 20.30 часот било опожарено возило „АУДИ А6“ на патот кон Горно Оризари. По насоки од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на убиството“, се наведува во соопштението од МВР.
Анита Димитријевска Велковска
